"Помеѓу": Рецензија: „ПОМЕЃУ“ ОД ИРЕНА ЈОРДАНОВА, ИЗДАНИЕ НА „ИЛИ-ИЛИ“

Рецензија: „ПОМЕЃУ“ ОД ИРЕНА ЈОРДАНОВА, ИЗДАНИЕ НА „ИЛИ-ИЛИ“
Роман за живеењето некаде помеѓу

Првиот роман на Ирена Јорданова „Помеѓу“ функционира на две рамништа. Првото е содржинското кое е директно поврзано со тезата дадена на корицата од книгата Ако се растргнам и му плукнам на моралот в лице“ со акцент врз етичноста и тоа преку вечната тема љубов и љубовен триаголник - една жена и двајца мажи. Тие целосно спротивни, таа целосно своја и нивна, привилегирана или проколната да се вика Марија (Курвата Марија?! Мајката Марија?! Светицата Марија?!). Низ приказната за моралната дилема за животот во тројка, со филозофски призвук се проткаени низа силни реченици за љубовта и омразата, животот и смртта, доброто и злото, моралното и неморалното.Тие потсетуваат на некаков есеј за човекот и за неговата предодреденост да размислува преку опоненти. Ликот Марија како антипод го има ликот на Вера, двајцата љубовници се чиста спротивност едниот на другиот. Впечаток оставаат речениците како: „Таа е само ехо на мојот крик за слобода. Личен конструкт, илузија за една потрага по изгубеното време“, во кои може да се препознаат и елементи што потсетуваат на фрагменти од нечиј дневник во кој се запишани најинтимните чувства на еден човек/една жена. Понекогаш истите тие секвенци не' доближуваат до глас што потсетува на лирски субјект изгубен низ некакви стихови во проза.

Тоа може да се толкува и како жанровска (не)определеност на делото на Јорданова кое живее некаде „помеѓу“. Тука се надоврзува второто рамниште и прашањето како е напишан „Помеѓу“?Тој се наоѓа помеѓу најавата за роман и кокетирањето со есејот, лирското пробива во широчината на прозното, се појавуваат силни внатрешни монолози, а се движи кон епистоларната литература со која се отсликува современата комуникација преку имејл. Јорданова ги познава техниките на раскажување и има теоретска поткованост за интервенција во нарацијата. Раскажувањето е преку лик, но не преку еден, туку преку тројца (од Светото тројство). Авторката на ликовите им дозволува и префрлање, односно преземање и на точката на гледање.

Приказната се раскажува од три страни, нештата се гледаат од три агли, слушаме три гласа. На тоа упатува и симболот - рамнокрак триаголник поставен на почетокот и на крајот од книгата. Јорданова храбро ја разградува структурата на романот, а во длабоките пораки или пориви на романот постмодернистички сместува цел спектар научени четива: светска митологија, христијанска идеологија, феминистички хрестоматии, родови прашања и постколонијални размислувања за „другиот“.

Симпатичен е обидот да се аплицира наученото, да се покаже преку практичен пример и притоа да се посака читател што ќе ги препознае референците. „Помеѓу“ е дело во кое е видлив ентузијазмот од можноста, размислите кои долго тлееле, теоретската поткованост и копнежот по писмо да ја видат светлината на денот. Меѓу другото, тука се и оригиналноста и автентичната искреност како дел од адутите кои на овој роман ќе му го трасираат патот до читателите, а тие пак ќе имаат можност да се запознаат со ново македонско писателско име кое ветува.

In this note

No one.